Доколку е против бојкот како што изјавува, тогаш Црвенковски нека се врати во Парламентот, изјави денеска во Охрид премиерот Никола Груевски, коментирајќи ја изјавата на лидерот на СДСМ што тој ја даде по вчерашната средба со претседателот на Европската комисија, Баросо.

– Тој со месеци прави бојкот, не знам што да коментирам понатаму. Најдобар коментар е она што го слушам денеска од граѓаните кои се чудат како е можно некој со месеци да прави бојкот и може да каже дека е против бојкот. Па ако е против бојкот, нека дојде во Парламентот нека не прави бојкот, истакна Груевски по пуштањето во употреба на реконструираниот аеродром „Свети Апостол Павле“ во Охрид.


Во врска со евентуалното влијание на  претстојните парламентарни избори на евроинтегративните процеси, премиерот во изјава за медиумите рече дека Владата има цврст договор оти за време на изборите не смее да има заостанување на реформите.

– Договоривме уште отсега да се распределат сите потребни задачи до целата администрација, стручните лица и сите што треба да ги подготват сите проекти и закони поврзани со евроинтеграцискиот процес. И за време на распуштањето на Парламентот и кампањата од 20 дена, како и текот за формирање на новата Влада да нема никаков застој и реформите да се одвиваат во најдобар можен тек, со динамика која нема да биде намалена и да не дојде до некое посериозно заостанување, изјави Груевски.