Сакам да го осудам насилството кои поединци го направија напаѓајќи и лично повредувајќи поголем број пратеници. Никогаш не сум оправдувал насилство, независно кој и зошто го предизвикал. Повикувам институциите да направат брза и ефикасна истрага, и да ги откријат виновниците и да обезбедат докази, а веднаш потоа да ги изведат пред суд  оние кои им нанесоа повреди на пратениците, граѓаните и на  полицајците, изјави претседателот на ВМРО ДПМНЕ, Никола Груевски на прес конференцијата оддржана по неговото враќање од Австрија, во раните утрински часови.

– Никогаш во животот не сум помислил ниту на власт да дојдам, ниту да останам со насилства и со физички повреди на други лица, ниту пак подржувам други да го прават тоа, како такви кои ме подржуваат мене така и моите опоненти. Повикувам исто така, да не се ставаат во ист кош огромното мнозинство граѓани кои со денови мирно протестираа и оние кои никого не повредија, со оние кои тоа го направија вечерва. Тие имаат право на протест, на изразување револт и на демократска борба за она во што веруваат, за доброто на Македонија. Ги поздравувам напорите на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата за подобра Македонија што дадоа се што е во нивна моќ и несебично им  помогнаа на физички нападнатите пратеници, рече Груевски.

Груевски го осуди начинот на кој СДСм и другите партии кои ги подржуваат одлучиле, како што рече, да направат обид незаконски да изберат претседател на Парламентот, кршејќи ги демократските и законски процедури, со што до крајна мера и свесно придонеле за зголемување на тензиите.

– Бројните провокации во изминатите  денови, не само кон нас од ВМРО-ДПМНЕ туку и кон огромното мнозинство македонски граѓани, а особено кон македонскиот народ, се директен причинител за оваа ескалација на состојбите. Начинот на кој се обидоа да изберат претседател на Собранието е целосно незаконски, противуставен и надвор од правилата на деловникот за работа на Парламентот на Република Македонија. Раководството на СДСМ, како и другите партии од нивната коалиција добро го знаат тоа, и тие свесно одлучија да го прекршат законот, уставот и деловникот, со што најдиректно ги предизвикаа настаните и сносат одговорност за тоа. Слушнав дека вечерва славеле со музика во штабот на СДСМ, со што само уште еднаш ја докажаа својата незрелост и антидржвничко однесување. Овој ден во Македонија не е ден за славење, рече Груевски.

Тој додаде дека алчноста за доаѓање на власт по секоја цена, дури и со прифаќање на антидржавни платформи креирани во друга држава, подготвеноста да ги стават на коцка државните и националните интереси заради гола власт, и бегањето од ново соочување со народот на избори, е директна причина заради која дошло до оваа несакана ситуација.

Најави дека во наредните денови ВМРО-ДПМНЕ ќе ги објави своите следни чекори.