Сериозно работиме на изнаоѓање стратешки партнер за рестартирање на ЕМО Охрид за што во тек се преговори со потенцијален инвеститор, истакна лидерот на ВМРО ДПМНЕ и премиер Никола Груевски на митингот што вечерва се одржа во Струга.
-Сега сме фокусирани да најдеме стратешки партнер и за ЕМО Охрид. Тоа е капацитет кој што може многу да вработи и охриѓани и стружани и дебрчани и вевчанци. На добар пат сме не сакам да дадам никакво ветување, меѓутоа веќе сме во длабоки разговори со една крупна државна компанија од средноевропска држава и доколку работите завршат како што посакуваме има добри шанси за сериозен рестарт и на таа компанија.-рече Груевски.
Тој најави дека за три до четири месеци ќе започне изградбата на технолошко развојната зона во охридско- струшкиот регион во која свои фабрики ќе изградат две компании од Германија од областа на автоиндустријата кои ќе вработат 1800 лица. Покрај тоа, рече Груевски, отварањето на овие капацитети ќе креираат дополнително уште 1000 индиректни вработувања.
Груевски упати критики кон СДСМ и лидерот Заев, кои, како што нагласи, „не сакаат да ја прифатат волјата на народот кој во првиот круг од претседателските избори со убедливо мнозинство од 450 000 гласови го поддржа кандидатот на коалицијата предводена од ВМРО ДПМНЕ.“
-Сега слушам дека ќе почнеле со негативна кампања и за 12 дена со оцрнување, клевети и навреди кон нас ќе ја преиначеле волјата на народот. Гледам дека уште еднаш со 300 на час одат директно во ѕид и кога ќе се лупнат на 27-ми нема да можат да се опорават со месеци. Само нека тргнат со негативна кампања, но ниту јас, ниту Антонио, ниту другите носители, ниту Иванов не сме од вчера и народот знае како работиме. Не сме идеални, сме правеле грешки и најголем дел од нив сме ги исправиле, но сме направиле и многу работи за овој народ. –рече Груевски, додавајќи дека ВМРО ДПМНЕ на таквите обиди на опозицијата ќе одговори со проекти од интерес на сите граѓани и посветена работа.
Кандидатот за претседател Ѓорѓе Иванов се заблагодари на добиената поддршка од граѓаните во првиот круг и ги повика уште помасовно да излезат на гласање на 27ми април.
-Ова се едни од најважните избори за Македонија. На 27 април ќе гласате каква Македонија сакате. Во каква Македонија сакате да живеат вашите деца. На 27 април вие одлучувате. Ве повикувам да гласате. Направете ја вистинската одлука. Затоа излезете и гласајте. Да го задржиме и засилиме темпото на развојот, на перманентни реформите, на работата за доброто на сите граѓани. Повеќе пати нагласив: денес, успешноста на политиката се мери со отворање нови работни места. Вчера го дадовте гласот за таква политика. Политика на илјадници проекти и десетици илјади нови работни места. Со таква политика продолжуваме.-истакна во својот говор Иванов.
На митингот во Струга беа претставени кандидатите за пратеници на коалицијата предводена од ВМРО ДПМНЕ во 5-та изборна единица, каде носител е Антониот Милошоски.
ВМРО ДПМНЕ во моментов одржува митинг во Охрид.
Г.М.