Дојде времето за избори и дојде времето да го слушнат гласот на народот, гласот кој долго време го игнорираа, го потценија, го исмеваа, порача во својот говор претседателот на ВМРО- ДПМНЕ Никола Груевски денеска на големиот партиски собир во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје, пренесува „Макфакс“.

„Дојдовме до тоа што долго време го чекаа македонските граѓани, дојдовме до посакуваната цел, која треба да значи почеток на крајот на кризата, дојде време за одговорот кој граѓаните им го спремаат веќе две години. Откако ја воведоа државата во невидена криза и на работ на внатреетнички, но и можност за меѓуетнички конфликт, посакуваа крвопролевање, сакаа да не закрват до крај за да може без вољата на народот да дојдат на власт, затоа што така смислиле, но силата и мудроста на овој народ е многупати низ историјата докажувана, трпението на овој народ е неговата најсилна доблест, иако многумина го сметаат за хендикеп. Не! Со тоа трпение нашиот, народ чекор по чекор дојде до посакуваната цел. Изборите“, изјави Груевски.

Според Груевски, време е државата конечно и целосно да почне да се фокусира со сето внимание на реалните проблеми на граѓаните. „Да говориме за економијата. За новите работни места, за земјоделците и нивните проблеми, за образованието, здравството, инфраструктурата, за напредокот во секој поглед и во секој сегмент, за новите перспективи на земјата и сите граѓани, нови можности и шанси, за нови инвестиции“, додаде тој.

Порака до сите е дека оваа земја е земја на граѓаните на Македонија и тие одлучуваат за нејзината иднина, никој друг не може да крои прекројува како што се туѓите интереси, туку за оваа земја одлучуваат нејзините граѓани и тие најдобро знаат кој треба да ги застапува кој може да им помогне во секојдневните проблеми, и кој може да го чува нивниот интерес, нагласи Груевски.

„Тоа што се обидуваа да го направат е да не тргнат од темата која ве тишти секојдневно. Економијата, новите работни места, иднината и можностите за развој, инвестициите… тие не држеа во заложништво со мрачни теми на поделба и конфликтност, додека ние и покрај се, се обидувавме да работиме на програмата на тоа што сме ви го ветиле, и на темите за кои вие сте заинтересирани“, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Груевски се осврна на работите кои се дел од реалната политика и кои, како што рече, мора да се вратат како прироритет во политичката дебата, па потсети тоа што направено во изминатиов период и покрај кризата.

„Нашата најголема заложба останува борбата против невработеноста. Додека ја имаме одговорноста пред граѓаните отворивме нови 160 илјади работни места. Особено ме радува што со мактрпна и беспоштедна работа успеавме да ја намалиме невработеноста и за време на најголемата политичка криза. Тоа го говорат и бројките. Невработеноста во време на СДСМ беше 38 отсто, на крајот во втората половина на 2014 падна на 27,6, кризата не не поколеба и ние продолживме да отвораме нови работни места. Невработеноста покрај се со што се соочи нашата држава продолжи да паѓа, до овој период падна на историски најниска 24 проценти. Во последните двеиопол година имаме пад на невработеноста од 3.6 отсто во време на тешка политичка криза. Во месеците кога на опозицијата и беше најважно да ја разградува државата, нам ни беше најважно да обезбедиме економски просперитет“, потенцира Груевски.

Тој додаде дека токму тоа е периодот кога се спроведуваше и проектот Македонија вработува, еден од најуспешните проекти кој беше наменет пред се кон поддршка на домашното стопанство и преставуваше значително олеснување и финансиска поткрепа за фирмите и дека преку овој проект кој стартуваше во април 2015-та година за точно една година се вработија дури 19 илјади лица.

Изборите на 11-ти декември ќе бидат своевиден референдум и се многу важни за иднината на земјата а со 63 пратеници гласачите ќе покажат во каква Македонија сакаат да живеат и оти нема ценкања и пазарења со нејзината иднина, порача Груевски. Тој потенцираше дека 63 пратеници за ВМРО-ДПМНЕ и владејачката коалиција ќе значат мнозинство кое никој нема да има право да го уценува.

„Единаесетти декември е многу важен ден за иднината на Република Македонија, бидејќи тоа е денот кога секој ќе има можност да покаже во каква Македонија сака да живее. По овие две години мислам дека на секој од вас му е повеќе од јасно значењето на овие избори. И затоа на овие избори не е потреба само победа. Туку е потребна поддршка за 63 пратеници за ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата за подобра Македонија. 63 пратеници кои ќе значат силна порака до сите оние кои мислат дека можат да го заобиколат народот. 63 пратеници кои ќе значат силна порака до оние кои со години го делат и навредуваат народот. 63 пратеници кои ќе значат крај на црните и мрачни сценарија на заевци и верушевци“, рече Груевски.

Ја обвини опозицијата дека е подготвена на многу и секакви ветувања само си цел да добие пратеник повеќе.

„Подготвени се и целосна двојазичност да воведат само да освојат пратеник повеќе. Спремни се и кичма да виткаат и интереси државни да распродаваат. Е затоа е потребно да ги победиме со 63 пратеници. Затоа е важно да не им се остави ниту малку простор, ниту малку надеж во нивниот забеган филм дека можат нешто да се пазарат, да се ценкаат, да лицитираат, да разградуваат и наддаваат. Со победата од 63 пратеници ќе им покажеме дека нема во Македонија ценкање и пазарење со иднината на нашата држава. Дека Македонија не е за пазарење“, повика лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

OhridNews
извор: „Макфакс“