Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, на својата фејсбук страна објави дека Влада која ќе ја спроведува Тиранската платформа направена и оформена во друга држава, неможе да биде реформска, туку е антидржавна. Влада која ќе работи по програма која не ја одобриле граѓаните на избори е влада без легитимитет од граѓаните. Фактот што и покрај тоа што ВМРО-ДПМНЕ нуди поддршка на Заев со своите 51 пратеници, само СДСМ да се откаже од платформата и фактот што тој упорно не го прави тоа, покажува дека сценариото е многу сериозно, а влогот многу поголем, – напиша Груевски.

Според ВМРО ДПМНЕ, СДСМ е заложник на платформата, а државата е уценета и е жртва на Заев и неколкумина од раководството.

– Однесувањето на СДСМ е како да нема народ во државата или како тој воопшто да не е важен. Забораваат дека партиите постојат заради народот и државата, а не обратно. Наспроти ова, улиците на градовите се преполни со народ кој протестира и изразува незадоволство што јасно укажува дека ваквите политики на СДСМ се осудени на неуспех. Недозволиво е за најклучните прашања во оваа држава поврзани со нејзините суштински обележја да не се праша народот и да се носат одлуки кои се предмет на неколкумина кои прават меѓупартиски договор, а не базирани на изборна програма одобрена од граѓаните на избори. – смета ВМРО ДПМНЕ. 

Според партијата доколку се оди по логиката на СДСМ, тогаш се губи суштината на одржување на избори.

-Ако може една или повеќе партии да носат суштински одлуки без да се прашаат граѓаните и ако мнозинството на Македонци се испратат во опозиција, со цел спроведување на таа изборна измама, тогаш демократијата се укинува. И тоа токму од оние чија главна реторика во последните 10 години е слобода и демократија. Истите тие, при првата можност да се доберат до власт по секоја цена, му забиваат нож во грб на народот во чие име претендираа дека бараат повеќе демократија. Нивниот прв чекор е голема изборна измама на народот. – велат од ВМР ДПМНЕ, која и денеска го повтори ставот дека единствениот реален и логичен излез од целокупната политичка криза се брзи избори.

OhridNews