Раководството на ВМРО-ДПМНЕ го утврди точниот термин за редовниот партиски конгрес кој, според информациите, ќе се одржи на 8 и на 9 мај во Куманово.

Како што пишува Утрински весник, во владејачката партија се почнати подготовките за конгресот. Проценките во партиски кругови се дека последните настани на домашната политичка сцена не ја доведуваат во прашање неприкосновената позиција во партијата на долгогодишниот лидер и премиер Никола Груевски. Очекувањата се Груевски и на овој партиски конгрес да биде единствен кандидат за лидер.

Кандидатот за претседател го предлагаат најмалку 30 делегати на конгресот, чиј, пак, состав има најмалку 250 члена, кои се избираат според распоред што го утврдува Централниот комитет на партијата. Според тоа, мали се шансите за конкурентска битка за партискиот врв, освен ако партиското раководство процени дека на делегатите може да им се остави простор за избор меѓу повеќе кандидати, што досега во ВМРО-ДПМНЕ се има случено единствено на конгресот во 2003 во Охрид, кога се избираше наследник на Љупчо Георгиевски, како и на конвенциите за избор на кандидат за шеф на државата.

На 6 март годинава, на Груевски, практично, му истече третиот мандат на чело на ВМРО-ДПМНЕ. На 15. партиски конгрес во мај, покрај реизборот на Груевски, се очекува да се избере и нов состав на статутарната и надзорната комисија на партијата. Дури по конгресот, откако, според очекувањата, ќе биде реафирмиран легитимитетот на Груевски во партијата, се очекуваат одредени кадровски поместувања во партиското раководство.

Според партиски извори, има најави дека по конгресот Груевски ќе назначи и двајца до тројца потпретседатели на партијата – функција која со години наназад не е пополнета во ВМРО-ДПМНЕ.

OhridNews

извор Утрински весник