Премиерот Никола Груевски, попладнево влезе на седницата на Анкетната комисија во врска со материјалите добиени од снимени разговори на високи владини функционери кои минатата година ги објавуваше опозицијата, и започна да сведочи пред нејзините членови.
Седницата на комисијата започна со задоцнување од неколку часа, поради тоа што се повторуваа проблемите околу толкување на деловникот за работа, па така прво претседателот на Анкетната комисијата, Петре Шилегов, не сакаше да ја усвои точката од дневниот ред без присуство на сведокот, во случајов премиерот Никола Груевски.
Откако по укажување на претставниците на владејачката ВМРДО-ДПМЕН беше едногласно усвоен дневниот ред, Антонио Милошевски од парламентарното мнозинство, претстави писмено барање коешто сведокот Груевски го испратил до Комисијата во коешто бара седницата на која би сведочел да биде затворена за медиумите.Шилегов не сакаше да се разгледува барањето без присуство на Груевски, кој во тие моменти беше присутен во ходникот пред салата во која заседава Анкетната комисија.
По едночасовно натегање и 15-минутна пауза, претседателот на комисија Шилегов соопшти дека бил известен од претставниците на ВМРО-ДПМНЕ дека премиерот Груевски нема да влезе во салата сé додека таму се присутни претставниците на медиумите. Новинарите ја напуштија салата и го пречекаа Груевски, кој дури и даде изјава во која истакна дека дошол да ја испочитува собраниската Анкетна комисија и да одговори на сите прашања кои членовите ги подготвиле за него. Образложи дека побарал неговото сведочење да биде без присуство на медиумите, како што рече, за да може да одговара во „мирна атмосфера“ и притоа истакна дека од седницата ќе има стенограми.
Поставувањето на прашањата се одвива според однапред договорен редослед: прво поставуваат прашања двајцата претставници на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, а по едно опозициската СДСМ, па ДУИ и ДПА, како и независната пратеничка Роза Топузоска Каревска.
Според најавите, првите прашањата од владејачкото мнозинство ќе ги постават Антонио Милошоски и Павле Саздов, а од опозицијата Горан Мисовски од НСДП.
OhridNews
извор Макфакс