По средбата Груевски изјави дека од страна на неговата партија биле прифатени голем дел од барањата, но посочи дека постојано биле доставувани нови предлози, а пак Црвенковски го повтори ставот на СДСМ дека додека не бидат исполнети условите тие остануваат надвор од Собранието.
Црвенковски изјави дека не е постигнат договор за барањата за Изборниот закон и за утврдување на состојбата со избирачкиот список, а за деблокирање на сметките на А1 телевизја, весниците Шпиц, Коха е ре и Време според него кај ВМРО-ДПМНЕ не постои интерес.
Груевски пак останува на ставот дека извршната власт не смее да се меша во работата на судската власт и оти деблокирањето на сметките на медиумите е во рацете на судот.
Рокот за распуштање на Собранието кој го даде ВМРО-ДПМНЕ ќе се пролонгира за десет дена, поради како што рече Груевски продолжувањето на рокот на Комисијата која ќе го прочистува избирачкиот список.
„Прифативме многу од нивните барања, подготвени сме и дополнително да ги прифатиме сите нивни логични и нелогични барања се со цел да одиме на избори. Но, доколку е потребно ќе одиме на избори и во присуство на бојкотот на СДСМ“, изјави Груевски по осумчасовната средба со лидерот на СДСМ.
Црвенковски рече дека е подготвен за уште средби, но и дека ќе инсистира на лидерска средба во проширен состав.
За утре е закажана собраниска седница на која треба да се гласа предлогот за претседател на ДИК, измените и дополнувањата на Изборниот закон, како и формирање на повремена комисија која ќе ја утврдува состојбата со избирачкиот список.
извор: „Макфакс“