Инцидентот на скопско Кале, каде незадоволни граѓани предводени од истакнати партиски членови на ДУИ  урнаа дел од  конструкцијата од музеј-црквата, не треба да се политизира, изјави денеска во Охрид премиерот Никола Груевски.

– Како политичар и премиер нема да дозволам никој ваквите настани да ги користи за сопствени или политички интереси и да се создаваат тензии, ниту пак ќе дозволам да се урива културното наследство. Ги повикувам институциите да си ја завршат работата, но исто така ги повикувам и  политичарите да не ја користат ситуацијата за добивање на политички поени од типот на Селмани, рече Груевски.

Одговарајќи на новинарско прашање во врска со излегувањето од Парламентот на СДСМ, тој рече дека тоа е направено без некоја посериозна причина.

-Тоа  е потег на Бранко Црвенковски со цел да избегнат предвремени избори на кои тие би изгубиле. Всушност со поставување услови за враќање во Парламентот, СДСМ си прави алиби со цел да добие во  време за што е можно повеќе да се пролонгира периодот на евентуални избори, истакна премиерот Груевски.

Во врска со најавените уставни измени  за изземање на министарот за правда од Судскиот совет , Груевски истакна дека неговата партија ја подржува иницијативата која  сега претставува и обврска на земјата наведена во извештајот на Европската комисија.

– Ние немаме ништо против, напротив инсистираме да се исправи грешката направена од СДСМ пред пет години, и не можам да разберам како СДСМ  саеуште го поставува тоа како услов, додаде Груевски.

Премиерот и лидер на ВМРО ДПМНЕ ќе присуствува на седниците на Извршниот и Централниот комитет на партијата која вечерва заседава во Охрид.

OhridNews