Минатата недела премиерот на Република Македонија Никола Груевски упатил писмо до премиерот на Република Грција, Андонис Самарас, во кое му предлага начини за надминување на застојот во разговорите за разликите за името на нашата држава, објавува електронското издание на дневниот весник „Дневник“, пренесува „Макфакс“.

Да се видиме уште оваа седмица, нагласил Груевски во писмото.

„Дневник“ повикувајќи се на дипломатски извори, пишува дека станува збор за писмо со чија содржина се предлага нешто што е многу посуштинско од средбите меѓу премиерите на двете држави што се случувале во минатото.

Груевски во писмото до Самарас пишува дека во секој случај, веројатно, двете земји би имале придобивка од решение, што во овој момент не е можно бидејќи разговорите не напредуваат така како што би требало и така како што се очекува.

Поради тоа тој му предлага на Самарас создавање тимови на чело со премиерите на двете држави, кои директно би разговарале за решавање на спорот и бара поддршка од Самарас за почетокот на пристапните преговори на РМ со ЕУ, пишува Дневник.

Според македонскиот премиер, тоа не само што ќе придонесе за посветла иднина за двете земји и за регионот туку и ќе ја подобри климата за успешно затворање на проблемот за името.

Груевски потенцира дека разговорите би се одвивале во рамките на мандатот на амбасадорот Нимиц за изнаоѓање решение и дека Република Македонија искрено посакува Грција и денес да биде истакнат партнер и поддржувач на нашата држава во отпочнување на пристапните преговори со Унијата.

OhridNews
извор:„Макфакс“