Лидерот на владеjачката ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски изрази уверување дека неговата партија ќе победи на следните локални избори во Охрид и вети реализација на многу проекти во овој град, пренесува „Макфакс“.

За Охрид како партија ќе имаме специјална програма и ќе победиме. Во програмата ќе бидеме прецизни и ќе внимаваме да нема нешто што ќе го пишува, а да не можеме да го исполниме, рече во саботата Груевски.

Констатирајќи дека Охрид предолго време тапка во место, Груевски оцени дека охридскиот градоначалник повеќе го гледал личниот интерес отколку за интересот на граѓаните на Охрид.

„Ќе бидеме фокусирани на развојот на туризмот и на задоволување на потребите на граѓаните и на туристите. Во Охрид туризмот е една од гранките кои носат голем доход на граѓаните. Со години наназад, таму не се инвестира ништо, ниту во катни гаражи, ниту во спортски објекти. Дури градоначалнкот не спречуваше да инвестираме и во базен“, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ  .

Тој оцени дека на Охрид приоритетно му се потребни нови улици, канализација, спортски објекти, катни гаражи и сето она што на граѓаните и туристите ќе им овозможи попријатен престој.

„Ние ќе треба да корегираме нешто што веќе осум години овој градоначалник го става во заборав. Форсираше изградба на станови, нешто што не му носи многу на градот Охрид. На градот му требаат хотели и што подобра инфраструктура за туристите“, изјави премиерот Груевски.

OhridNews
Извор: „Макфакс“