Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски го повика опозицискиот СДСМ да се премисли и да учествува на предвремените парламентарни избори на 5-ти јуни. Според него избори се единствено решение за најновата политичка криза, по распуштањето на Собранието.

„Услови за избори има и изброи ќе се одржат, а секој може да учествува или не. Тоа е одлука и еден вид учество во демократијата. Мнозинството одлучува“, рече Груевски.

Тој изрази искрено жалење за вчерашната прес-конференција на лидерот на СДСМ Зоран Заев, на која тој објави дека тие нема да учествуваат на изборите на 5-ти јуни.

„Искрено се надевам дека ќе ја промени одлуката. Ова не е битка меѓу мене и Заев, туку битка за Македонија. Народот сака Македонија да оди напред. Денес е важен ден за нашата демократија. Изминативе две години беа тешки за нас. Политичката криза ни го одвлече вниманието од вистинските предизвици на земјата. На моменти се доведуваше во прашање кредибилитетот на политичарите. Вечра собранието се распушти и според нашите закони тоа се случи на 60 дена пред избори. Оваа криза која ни се случува овојпат ќе се решава со гласачкото ливче“, рече Груевски.

Порача дека им треба силна опозиција, опозиција која нема да се повлекува во ситуација како што Заев се повлекуваше. „Силна опозиција значи дека некој постојано ќе ни дише во врат, и ќе не корегира“, порача Груевски и додаде дека не сака да биде сфатен погрешно, но тоа е одлука на СДСМ како ќе се однесува.

„Сакам да упатам порака до народот, да бидат спокојни. Изборите се потребни да се одбере кој ќе ја води земјата и на кој ќе му ја даде довербата народот. Мора да ги оставиме партиските интереси и да ги штитиме државните. Јас ќе направам сé да ги коригираме нашите грешки во области кои се детектирани“, рече Груевски, при што го повика народот да им се приклучи за храбри и големи идеи.

Во своето обраќање, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ рече дека на следните избори заплашување на избирачи „нема и не смее да има“, а ако има „ќе одговара секој што се огрешил“. Потсети дека Обвинителството најави дека ќе има посебен оддел кој ќе се занимава со оваа проблематика, а Министерството за информатичко општество и администрација соопштија дека отвори канцеларија за пријавување на случаи доколку има притисоци врз државнате администрација.

Околу мешањето на партијата и државата, Груевски смета дека тоа го кажува истиот Зоран Заев кој го назначи неговиот секретар на партијата за министер за внатрешни, и истиот оној кој дозволи сопругот на министерката за труд и социјална полирика Фросина Ременски  да напредува.

„Човекот толку го потценува народот што мисли дека некој ќе му верува. Има ли поголемо мешање на партијата и државата кога на денот кога поднесува оставка менува 100 лица од функција“, рече Груевски.

За Избирачкиот список, пак смета дека е посебна приказна. По најавите за фантомски граѓани, синоќа се сведоа дискусиите на 572 лица кои во една база на податоци имаат различни места на живеење, појасни Груевски, а бројките од 500.000  или 300.000 „фантомски“ гласачи паднале во вода.  

OhridNews
Извор:„Макфакс“