Решението за спорот со името не треба да биде на штета на македонскиот идентитет, државноста, дефинирањето. Спорот за името може да трае уште пет, па и повеќе години, вели македонскиот премиер Никола Груевски во интервју за германски весник „Ди Велт“, додавајќи дека членството во НАТО и ЕУ за Македонија е од национален интерес и дека нашата земја прави се за тоа да се реализира.

– Нашиот влез во НАТО и ЕУ предолго се одолговлекува поради спорот со името. Тоа за нашето стопанство е од витално значење, како и за мирот во Западен Балкан. Но, тука се работи за нашиот идентитет. Грција ни го оспорува правото да се викаме како што тоа е за нас правилно и неопходно: Македонија. Меѓународниот суд на правдата е на наша страна, кој во една долга и детална постапка за период од повеќе од 10 години, дојде до заклучок дека ние можеме да пристапиме во сите меѓународни институции под нашето име, кое што го избравме по распадот на поранешна Југославија, а кое е во согласност со нашата историја, вели македонскиот премиер во интервјуто.

Запрашан уште колку време би траел спорот со Грција, македонскиот премиер одговара оти очекува тој да трае уште пет години, а можеби и повеќе.

Македонскиот премиер во интервјуто потенцира  дека членството во ЕУ е важно и за стопанството на земјата, но оти не може да се прави компромис, пред се во однос на дефинирањето и државноста.

OhridNews