Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, поранешен премиер кој сега е носител на кандидатската листа за пратеници во четвртата изборна единица во своето обраќање на партиската конвенција најави дека ќе го победи лидерот на СДСМ, Зоран Заев „на негов терен“ заедно со народот, јавува „Макфакс“.

Како и во досегашните говори, Груевски се потпре на народот и најави победа против Заев, но и против, како што рече туѓите структури коишто го поддржуваат Заев, „против познатиот филантроп“, алудирајќи на Џорџ Сорос.

Груевски рече дека воопшто не било лесно да ги издржи овие две години, на политичка криза, навреди и омаловажувања и обелодени дека имал брутални закани по животот против него и неговото семејство.

„Не беше лесно. Лични навреди, тешки клевети, омаловажувања, цел платен арсенал политичко оружје и армија луѓе насочени кон мене платени од еден познат филантроп и моја дисквалификација, оцрнување и понижување, брутални закани до мене и моето семејство, оркестрирани од една група на луѓе, а потпомогнати од секакви туѓи структури кои имаат свој интерес во целата оваа ситуација. Кога ќе се сетам наназад низ што се поминавме заедно со вас, како некогаш неизвесноста ни стоеше над глава, како ги слушавме оние деструктивци од опозицијата како се силат наоколу до секој граѓанин без разлика дали е наш подржувач или не, се закануваат, со гнев и омраза поттикнуваат напади по улици, кршења, палења, сквернавења на објекти, нарачуваа лични линчови, навистина човек да се запраша како издржавме до тука… И кога ќе се обидам да најдам еден збор што ќе ја опише нашата цврстина, нашата волја, убеденост, поттик, мотив да истраеме овој период, тој збор е сепак тука пред нас И секој го знае… тој збор се вика, народ, изјави Груевски.

Иако опозицијата се обидела да ги направи монструми, сепак, според Груевски, народот тоа го препознал и не подлегнал на црната кампања на на провокациите.

„Тој народ на овие избори ќе донесе огромна победа за нашата коалиција, И ќе покаже дека тој народ е газда во оваа држава. Ако порано било потешко, во Илинденско или Партизанско време, овој пат тоа ќе се направи со пенкалото на изборниот ден. Народот ќе им го даде својот одговор на сите кои го потценуваа. Сега му е мајката да биде поразен Заев и се она што тој и го направи на Македонија“, рече Груевски.

Тој најави убедлива победа против Заев во четвртата изборна единица, односно како што рече, на негов терен, но и во останатите изборни единици и уште еднаш го повика членството и другите граѓани да гласаат за коалицијата „За подобра Македонија“ за да освои 63 пратенички места.

„Одлучив да го соочам со реалноста и да го победам заедно со народот, во изборната единица која сам ја избра, да виде што мислат неговите сограѓани за него“, изјави Груевски.

Коалицијата на конвенција во Метрополис арена на Скопски саем ги објави листите со кандидатите за пратеници за претстојните парламентарни избори на 11 декември.

На листите ги нема поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески кои се осомничени токму за изборни измами. Од осомничените во истрагите на Специјалното јавно обвинителство на листите е Груевски и министерката за култура, Елизабета Канческа Милевска која е на второ место во првата изборна единица, каде носител е министерот за надворешни работи Никола Попоски.

На третото место е првиот генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ и пратеник од првиот состав на собранието во независна Македонија, Борис Змејковски.

На осмото место во втората изборна единица е единствениот хашки осуденик од Македонија, Јохан Тарчуловски. Носител во оваа изборна единица е министерот за здравство Никола Тодоров, а зад него е претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски.

Листата во третата изборна единица ја предводи пратеникот Илија Димовски, а по него е премиерот Емил Димитриев.

Листата во четвртата изборна единица ја предводи Груевски. Петтата изборна единица ја предводи пратеникот Антонио Милошоски,а шестата Влатко Ѓорчев.

Носител на седмата изборна единица во дијаспората е Рамазан Мифтароски.На листите иако се најавуваше, го нема дополнителниот заменик минситер за труд и социјална култура, Диме Спасов кој неодамна учествуваше во сообраќајки и и МВР против него поднесе три прекршочни пријави.

OhridNews
извор: „Макфакс“