Добро е што со здружени напори, напори на граѓаните кои што секојдневно 70-80 дена протестираа, напори на ВМРО-ДПМНЕ и на нашата пратеничка група, напори на претседателот на државата, успеавме да дојдеме до ситуација кога Зоран Заев беше принуден, ставен во ќош да потпише еден таков документ, како што никој досега кој што барал мандат од претседателот, ниту имало потреба, ниту се помислувало да има потреба да го потпише, но имајќи ги во предвид неговите ставови и ветувања, се покажа како неопходно.

Ова ги истакна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски коментирајќи го потпишувањето на гаранциите на лидерот на СДСМ Зоран Заев кај претседателот Ѓорге Иванов, за доделување на мандатот за формирање Влада.

– Со потпишувањето се гарантира дека нема во иднина да се наруши унитарноста на државата и тоа одлично, тоа е многу добро, затоа што тоа и беше главната цел, да се спречи разградување на унитарноста на Република Македонија, нешто што гледавме од изјавите и на самиот Заев и во Сараево и во други негови изјави. Како и од изјавите на ДУИ, претставниците на ДУИ и на други партии од албанскиот блок, дека беше тргнато во тој правец, изјави Груевски.

Тој додаде дека на Заев не може да му се верува, па затоа опозицијата будно ќе го следи секој чекор.

– Треба да останеме со отворени очи и доколку измрда, тргне кон друг пат, различен од оној за кој вчера даде гаранции и ветувања, ВМРО-ДПМНЕ ќе реагира жестоко во склад на демократските можности и ќе се спротистави, а верувам дека и сите други ќе го направат тоа. Така што, заклучокот е дека е одлично што дојде во ситуација да мора да го потпише ова и да го прочита пред сите граѓани, а исто така важно е да продлжиме да ја следиме ситуација за да не дојде до застранување повторно од овој правец, изјави Груевски.

OhridNews