Како никогаш досега во историјата на Република Македонија па и на цела Европа, не се случило вакво класично политичко гонење на политичките противници. Стотина лица кои се дел од органите или подржувачи на ВМРО-ДПМНЕ се гонети со цел партијата да се уништи или да се замолкне, изјави на прес конференцијата што попладнево се одржа во партиските простории лидерот на ВМРО ДПМНЕ Никола Груевски. 

-СЈО одамна ја изгуби непристрасноста и кредибилитетот со својата работа и стана инструмент за политички прогон. СЈО не е обвинителство. СЈО е канцеларија на СДСМ. Најголем показател дека е политички процес, кој има политичка цел, е тоа што носи одлуки без никакви правни докази. Процесот е политички, а не правен. Таков политички процес треба да финишира со политичка, а не правна цел. Целта е ВМРО. Целта е кршење на ВМРО, политичка елиминација и ставање под контрола за поголеми цели кои се потребни на оној кој го креираше овој процес. Таргетот е ВМРО, сите случаи се против ВМРО. Кршење на ВМРО за слабеење на Македонија. Сакам да им порачам: Нема да успеат. Нема да не скршат. Ние остануваме на бедемот на државата. – рече Груевски.

Тој истакна во овој процес како никаде на друго место нападнати и обвинети се и судии заради слободна судска одлука, како и членови на ДИК, на чии одлуки имало можности за жалби, како и за новинари затоа што критички ги опсервирале.

-Преседан од невидени размери. Но, целта е да се заплаши судството, да се заплашат судиите, да одлучуваат во корист на целта на СДСМ и нивниот инструмент СЈО, како и да се заплашат новинарите како и целиот народот. – смета Груевски.

Тој истакна дека за грев на ВМРО ДПМНЕ му се зема што цели 11 години партијата била на браникот на одбраната на државните и националните интереси на Македонија, што одолеала на многу притисоци и закани поврзани со името на државата, името на нацијата и јазикот, со идентитетот на македонскиот народ, што одолеала на неприфаќање на потпишување на разни штетни за нацијата договори, или пак спроведување на платформи на туѓи држави. 

-Оваа е срамен и кукавички чин. Свесни дека тоа за што се обврзале да го прават пред нивните налогодавци нема да остане премолчено од ВМРО-ДПМНЕ. Посегнаа на ваков најбрутален начин да се пресметуваат со нас, откако предходно работеа на создавање на подлога. Како е можно да кажат дека за случајот Талир имале само еден месец кога имаа најмалку 18. Што правеа во изминатите 18 месеци. Водени се од омраза, гнев и обврските кон налогодавачите. Но оваа нема да им помине и ако мислат дека ВМРО-ДПМНЕ ќе го преспие оваа, длабоко се излажале. Сакам да објавам дека конструктивноста кои некои ја нарекуваа попустливоста во нашето делување завршува денес. – истакна Груевски, кој инаку е осомничен во повеќе предмети што ги отвори СЈО.

Груевски на прес конференцијата не се осврна на обвинувањата од СЈО за тешки злоупотреби на власта во партиски цели и финансиски малверзации, за што се товари, но рече дека историјата ќе суди за сегашното време, посочувајќи дека СЈО ќе биде после некое време оној дел историјата, од кој ќе се срами секој што ја сака оваа држава. Тој ја обвини СДСМ дека врши притисок кон судството и обвинителството за да се пресмета со ВМРО ДПМНЕ.

– Подлогата која ја создаваа нивните медиуми беше само дополнителен декор во амбиентот ВМРО-ДПМНЕ да се прикаже како некакво злосторничко здружување, а всушност иднината ќе докаже дека СДС е тоа и дека делува на криминален и организиран начин со цел рушење на државните и национални интереси и ние ќе направиме максимум да се докаже тоа. Значи Заев не е криминалец, ниту уличарите на СДС не се криминалци. Тие на најгруб начин се обидуваат да наместат цела една гарнитура од околу 100 лица од нашата партија. Ова е класична политичка и антимакедонска конструкција. Иднината тоа ќе го докаже, како што ќе се докаже и историската одговорност која ја носат сите овие лица кои сега јаваат на бранот на еуфоријата, мислејќи дека времето почнува и завршува со нив и дека вечно ќе им трае ова ситно задоволство. – заврши Груевски.

OhridNews