Мислам дека поидиотска теза до сега не сум слушнал, гласеше одговорот на премиерот Никола Груевски на новинарското прашање за тоа дали се вистинити обвинувањата на опозицијата дека власта стои зад инцидентите меѓу младите во изминатите денови, пренесува „Макфакс“.

Груевски, исто така, најави  и дека МВР ќе оди до крај во нивно расчистување и санкционирање за учесниците.

„Слушнав дека се вртат такви тези, особено на некои од социјалните мрежи. Сакам да кажам дека бев вчудоневиден од таквите размислувања на поединци. Мислам дека ваква поидиотска теза не сум слушнал досега, односно дека Владата ангажирала тепачи од македонска и од албанска етничка припадност да се тепаат за да не не примеле во НАТО“, изјави Груевски и додаде дека тие што ја тврдат таа теза треба да знаат дека на тој начин не само што нема да влеземе во НАТО, туку и да сакале да не примат може да не одбијат.

Груевски посочи и дека Министерството за внатрешни работи презема сериозни мерки за расчистување на инциденти и веќе се поднесени 30-тина пријави за учесниците во нив.

„Секој оној што планира и во иднина да го прави тоа треба да знае дека ќе се судри со државата. Ќе се судри со органите на прогонот. Ќе се судри со силите кои ја гарантираат безбедноста во Македонија и ќе има сериозни проблеми и ќе излезе на суд. Значи, може да има такви луѓе кои сакаат да го нарушат мирот на граѓаните и спокојството, но ќе се соочат со затворски казни доколку продолжат на овој начин заради некакви идеи, некакви цели кои само тие си ги знаат“, порача Груевски.

OhridNews
извор:„Макфакс“