Честитки до сите граѓани на Рeпублика Македонија за успешно спроведените избори. Македонија повторно имаше фер, демократски и кредибилни избори, изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, пренесува „Макфакс“.
„ВМРО-ДПМНЕ е победник на овие избори во РМ. Денес победи ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата. Денес победи и Република Македонија. Ова е 10-та изборна победа на ВМРО-ДПМНЕ. Мнозинството граѓани гласаа и со најголем број гласови го поддржаа ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата и нашата програма. Ќе работиме оваа поддршка да ја оправдаме“, порача Груевски.
Тој додаде дека сега ќе следува процес на формирање на коалиција и формирање на влада.
„Кризата мора да заврши и Македонија мора да оди напред. Тоа ќе биде наша главна цел во следните денови“, истакна Груевски.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ потенцираше дека ќе бидат секогаш со народот, со граѓаните на Република Македонија и секогаш ќе работат во полза на државните и националните интереси.
„Народот секогаш може да смета на нашата поддршка“, рече Груевски.
Груевски уште додаде дека ВМРО-ДПМНЕ на овие избори имал тежок противник, оти тоа не бил само СДСМ.
„Затоа оваа победа има посебна важност и тежина“, рече Груевски.
Според него, бројот на гласови за ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата е во рамките на константната поддршка, а поголеми изненадувања имало кај албанскиот електорат.
OhridNews