Владата ги исполни зацртаните краткорочни цели во првите 100 дена од својата работа, рече премиерот Никола Груевски во видео-обраќањето преку веб-страната на Владата и Фејсбук-страницата на Владата.
Груевски реферираше за сите превземени мерки за создавање поволна бизнис-клима, инвестициите во инфраструктурата и градежништвото, енергетиката, здравството, образованието, а се осврна и на инвестициите во земјата.
„Република Македонија, трет пат по ред од страна на европската комисија доби позитивен извештај за спроведените реформи, и трет пат по ред доби препорака за почнување на преговори за членство во Европската Унија, како резултат на посветената работа. Ние и во иднина ќе продолжиме со посветена работа за унапредување на сите сфери од општеството, за реформи и континуирана модернизација, за обезбедување на услови за развој и можности за комплетен напредок“, рече Груевски во обраќањето.
Во тој контекст, Груевски се осврна на реформите во јавната администрација, реформата на судството, како и започнатиот дијалог со новинарската фела.
„Довербата мора да се оправда, а образот да остане чист. Во идниот период продолжуваме со реализација на останатите мерки од програмата се со цел да се унапредат состојбите уште повеќе, да се подобри економијата и да порасне животниот стандард, да се гради, да се модернизира образованието и здравството, да се подржи земјоделството, да се продолжи со градбата на силна, модерна и успешна Република Македонија. Слоганот и нашата порака на крајот од овие 100 дена е БЕЗ ЗБОРОВИ, ДЕЛА! Дела кои ги оставаме зад нас, за идните генерации, дела кои се неспорни и со кои сите можеме да се гордееме и заради кои сите можеме да чекориме со високо крената глава“, рече Груевски на крајот од своето обраќање.
извор:„Макфакс“












