Ждрепката за групите на Европското првенство немаше милост и во “групата на смрта“ ги смести финалистот од пред четири години Германија, вицешампионот од СП во Јужна Африка, Холандија, Португалија и Данска. Групата Б е најквалитетна, и изобилува со имиња кои ја одбележаа изминатата сезона.


Фаворит кој за нијанса се издвојува од Б групата е трократниот првак Германија. Селекторот на “панцирите“ Јоаким Лев ќе биде на слатки маки околу кроење на составот за натпреварите од ЕП. Нема проблеми со повредени или казнети фудбалери фудбалери. Костурот на тимот е составен од фудбалери кои настапуваат во Бундес Лигата односно Баерн Минхен и Борусија Дордмунд. Без разлика дали е тоа Светско или Европско првенство Германија важи за еден од фаворите за освојување на титулата.


Рамо до рамо со Германија е селекцијата на Холандија. Но, играта на “лалињата“ се базира на индивидуалности за разлика од тимскиот дух на германците. Холандија на последниот голем собир, СП во Јужна Африка стигна до финалето каде беше поразена од Шпанија во продолженијата.


Селекторот на Холандија, Берт ван Мервик располага со маестрални имиња во средниот ред и нападот, а одбраната е ранлива.  Фудбалерот на Арсенал , Робин ван Перси имаше сезона за паматење во Премиер Лигата , исто така Арјен Робен и Клас Јан Хунтелар имаа одлични сезони во Бундес Лигата. Подршка за напаѓачкото трио, ќе има од “везистите“ Снајдер и Ван дер Варт. Ако “лалињата“ процветаат во Полска и Украина и ја заиграат нивната претпознатлива игра, одбраната нема да биде ставена не сериозен испит.


Селекцијата на Португалија предводена од најскапиот фудбалер во светот, Кристијано Роналдо ќе има тешка задача да освои некоја од двете позиции кои водат во понатамошната фаза. “Селесао“ за пласман на завршницата на ЕП го избра потешкиот пат, откако во баражот ја совлада репрезентацијата на Босна и Херцоговина.


Слабите страни на Португалија ги отрки Македонија која ремизираше без голови во Леирија. Неколку дена подоцна и Турција им одржа лекција на “европските бразилци“ во модерен фудбал триумфирајќи 3-1. Селекторот на португалците Паоло Бенто ќе има полни раце работа да го повтори успехот на бразилецот Луиз Филипе Сколари во 2004 година кога Португалија како домаќин играше во финалето.


Европскиот првак од 1992 година Данска заедно со селекторот Мортен Олсен ќе ја имаат најтешката задача на престојното ЕП. Данците негуваат да играат допадлив фудбал, но во ваква група нема да можат да ги истакнат сите свои квалитети.


Данска се базира на младите сили и на искуството во имиња на Денис Ромедал и Никлас Бендтнер, Даниел Агер и голманот на Стоук, Томас Соренсен. Кога ќе се придодат и надежните Симон Кјаер, Вилијам Квист и Кристијан Ериксен репрезентацијата на Данска заслужува респект.

Распоред на натрпреварите во групата :

1. коло 9 јуни  
Холандија – Данска  18:00ч
Германија – Португалија 20:45ч
2.коло 13 јуни  
Данска – Португалија 18:00ч
Холандија – Германија 20:45ч
3. коло    
Португалија – Холандија 20:45ч
Данска – Германија 20:45ч

Мх.П.