Група малолетници, меѓу кои според процените има и 9-10 годишни деца, започнаа протест од Јајапашината џамија се упатија кон Бит пазар, јавува „Макфакс“.
Се слушаат извици „Етничка Албанија“, „УЧК, УЧК“ и „Алах е голем“. Насобраните носат албански знамиња, а на теренот се слушаат пукотници од пиротехнички средства.
Непосредно по започнувањето на протестот демонстрантите се запрени кај Стоковната куќа „Мост” исе вратија кон Бит Пазар. Голем кордон специјалци со оклопни возила ги дочека демонстрантите кај стоковната куќа „Мост” и не им дозволи да се упатат кон мостот „Гоце Делчев” и зградата на Владата.
Во еден момент, демонстрантите се вратија назад и почнаа да трчаат кон Трговскиот центар „Мавровка”, влегоа во него и се упатија кон Бит пазар.
Засега нема некои поголеми инциденти. Единствено демонстрантите фрлија неколку камења и пукаа со петарди.
Нивното движење постојано го следат полициски сили.
Групата малолетници околу пладне се собра пред Јајапашината џамија во скопската населба Чаир, кога повозрасен Албанец, извесен Шукри Даути упати порака до младите да се разотидат дома и да не протестираат, бидејќи, како што рече, протестите носат само омраза меѓу Македонците и Албанците.
Тој ги повика политичарите да дојдат и да разговараат за проблемите на граѓаните, а не да создаваат омраза меѓу нив.
Младите, според него, се собрале како реакција на она што се случи изминатиот петок, кога Македонци пред Владата ја каменуваа полицијата и нападнаа неколку деца Албанци.
извор:„Макфакс“