Реакциите и дописите околу изборот на директор во основното училиште Братство и единство продолжуваат да ја брануваат охридската јавност.

Како што информираат од Локалната самоуправа, група родители на деца кои се школуваат во Основното училиште „ Братство и Единство“ , до градоначалникот Александар Петрески испратиле писмо со 47 потписи, во кое бараат за директор на училиштето да биде избран припадник на турската етничка заедница.

Ве известуваме дека моменталното раководство во училиштето не обезбедува соодветни и квалитетни услови за настава на децата. Заради тоа бараме од Вас при донесувањето на конечната одлука по отворениот јавен конкурс, да поставите директор припадник на турската националност. Доколку ова наше барање не биде исполнето, ќе бидеме приморани децата да ги запишеме во друго училиште– стои во писмото на група родители од ОУ „ Братство и Единство“ .

Градоначалникот Александар Петрески со одговор на писмото, во кој потенцира дека директорите на училиштата се бираат според законските услови, а не според националната или друга припадност.

Го примив вашето писмо и морам да признам дека непријатно сум изненаден од ултимативното барање, доколку за директор на ОУ „ Братство и Единство“ не биде избран кандидат од турската етничка заедница, децата ќе сте ги запишеле во друго училиште. Ве уверувам дека во постапката за избор на директор на училиштето, која е во тек, ќе бидат почитувани законските прописи и првиот човек на оваа образовна институција ќе се избира од оние кандидати кои ги исполнуваат конкурсните услови и имаат квалитети, а не според национална, партиска или друга припаднос..Основното училиште „ Братство и Единство“ важи за едно од најдобрите мултиетнички училишта во Република Македонија. Затоа, ве молам да не дозволите на ваков или сличен начин да се влошат добрите меѓуетнички односи во училиштето– се наведува во одговорот на градоначалникот Александар Петрески.

OhridNews