Горан Пандев не ја смени одлуката за повлекување од репрезентацијата. Довчерашниот капитен на националниот тим, ова го потврди во интервјуто за 24вести. Напаѓачот на Наполи долго размислувал за повлекување од репрезентацијата и бил свесен дека тоа ќе наиде на негатвни критики во јавноста.

 

„Знаев дека одлуката ќе наиде на критики во македонската јавност, но бев подготвен на такво нешто. Ова е моја одлука, за доброто на македонскиот фудбал, конечно да се поправат некои работи. Одлуката е дефинитвна, нема повеќе да настапувам за фудбалската репрезентација на Македонија. Одлуката за откажување не е нова, таа е донесена уште пред некоја година. Но, сепак, да се донесе таква одлука не е лесно, разговарав и со мојата фамилија, едноставно не можев повеќе да толерирам некои работи кои се случуваа во репрезентацијата. Искрено, ако почнам да зборувам за репрезентацијата, ќе можам книга да напишам за овие 12 години колку што играв“, изјави Пандев.

Најдобриот стрелец во историјата на репрезентацијата разговарал со новиот селектор, но него само му ја потврдил одлуката дека повеќе нема да го носи „црвено-жолтиот“ дрес.

„Имав контакт со селекторот Бошко Ѓуровски, му посакав среќа, се надевам дека Македонија ќе постигнува подобри резултати од сегашните. Му кажав на селекторот дека ние не треба да се залажуваме дека може да се пласираме на едно Европско првенство, мора да ја ослободиме јавноста од таков притисок. Луѓето очекуваат ние да одиме на едно големо натпреварување. Ние ги немаме најосновните услови во македонскиот фудбал, а сакаме да одиме на големо натпреварување. Треба да се среди инфраструктурата, да му се даде повеќе време на Бошко Ѓуровски, има искуство, цел живот бил тренер надвор од Македонија. Не е запознаен со условите овде, но кога човек се зафаќа со таква работа, сигурно е дека верува во нешто“, појасни.

Пандев верува дека македонскиот фудбал има иднина, посочувајќи го Давид Бабунски како играч околу кого треба да се гради националниот тим.

 

“макфакс“