Македонскиот репрезентативец Марио Ѓуровски имаше одлична полусезона зад себе но и покрај забележителните настапи, вниманието на јавноста кон себе го сврте со „Балотели – потег“, кога по промашениот пенал на мечот со ОФК Београд беше заменет, а при излегувањето од игра на тревата го фрли „црвено-белиот“ дрес на Војводина. Оттогаш Ѓуровски веќе еден месец е настрана од тимот.


Таквиот потег медиумите веднаш го поврзаа со контроверзниот карактер кој низ целата кариера го следеше неговиот татко Милко Ѓуровски.

Три и пол години сум во Војводина, но тој момент некои луѓе го искористија за да ја напумпаат атмосферата. Полусезоната ќе остане запаметена по одличните настапи во дресот на Војводина и на македонската репрезентација. И според мене овие шест месеци беа најдобрите во мојата досегашна кариера – смета Ѓуроски.

Македонскиот офанзивец кому в лето му истекува договорот и станува слободен играч, најавува дека ќе побара нова средина за докажување. Прашање на време е дали тоа ќе биде во јануари или во јуни в година.

Многу тешко е да кажам дека ќе останам во Војводина. Се’ додека сум играч на „црвено-белите“ професионално ќе ги извршувам поставените задачи. Искрено очекувам кариерата да ја продолжам некаде надвор од границите на Србија. Шест години играм во Првата српска лига и сметам дека е дојдено време да се пробам во некоја посилна лига – истакна Ѓуровски кој не ветува некој бомбастичен трансфер, туку се спрема чекор по чекор да напредува во кариерата.

М.П.