
Владата одлучи да ја одложи примената на системот за безбедност на храна што требаше да започне оваа година. Како причина се наведува светската економска криза и лошата состојба во која се наоѓа домашното стопанство.
Инспекциските служби и натаму ќе продолжат со контрола на компаниите кои треба да воведат „HACCP“ систем, но нема да казнуваат туку само ќе опоменуваат и ќе укажуваат на обврската што треба да се спроведе.
Владата ќе инсистира во текот на годинава сите стопански субјекти да го имплементираат „HACCP“, а од почетокот на 2010 стандардот и официјално да биде во употреба, изјави денеска вицепремиерот за економски прашања, Зоран Ставревски.
Последното, е трето одложување на примената на „HACCP“ стандардот за безбедност на храна оваа година кој требаше официјално да стартува од 1 јануари 2009 година.












