
„Актуелните проблеми со владеењето на правото во Скопје кои го поткопуваат Договорот мора да бидат решени без натамошно одложување. Тоа особено се однесува на претседателската амнестија и чекорите кои треба под итно да се преземат во подготовката на веродостојни избори кои би можеле да бидат признаени од меѓународната заедница“, пишуваат Хан и европратениците.
„Сите остануваме силно приврзани и на располагање за поддршка на партиите. Сепак, потенцираме дека одговорноста за обезбедување на демократски напредок како и напредок на евро-атлантскиот пат останува на самите партии, од името на граѓаните на нивната земја. Сега е редот на нив да испорачаат и да го дефинираат патот напред“, се наведува во изјавата.
„Повеќе пати рековме дека прекршувањето на Договорот од Пржино ќе има многу сериозни последици за земјата. Длабоко жалиме поради ретроградните чекори кои ја оддалечуваат земјата од нејзините аспирации кон влез во ЕУ. Во недостаток на натамошен напредок, сега сме принудени да размислуваме за натамошни чекори за исполнување на барањата кои беа поставени од Советот на ЕУ, Европската Комисија и Европскиот парламент.
Ги нотираме и изјавите и акциите на граѓанското општество во државата и ја изразуваме нашата целосна поддршка за сите мирни напори да се обезбеди плурализам и слобода на мислење, кои се централни вредности на сите европски демократии“, се додава во изјавата.
OhridNews
Извор:„Макфакс“











