
Се радувам на враќањето на опозицијата во Парламентот и изборот на новиот Закон за специјален обвинител и на специјалната обвинителка. Таа ќе ја добие целата потребна поддршка за да може да си ја врши како што треба својата работа, изјави еврокомесарот за проширување Јоханес Хан.
И пратениците се согласија дека има резултати за што се намачиле во преговорите. Но сега очекуваат Европската Унија да го исполни својот дел – Македонија конечно да добие датум за пристапни преговори.
За Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ причина за политичката криза е што Македонија е се уште во чекалницата на ЕУ.
Еврокомесарот Хан не вети датум за, но се стави на располагање на политичките лидери и граѓанското општество да помогне. Јас сум на ваша страна, тврди Хан.
Мислам дека ЕУ ја научи лекцијата и доколку постои перспектива за одредена земја таа ќе биде исполнета. Сигурен сум дека кога ќе се подобри ситуацијата во земјата, треба да има промени и во ставот на ЕУ. Но сепак нештата треба да бидат променети на одржлив начин, а за тоа треба време, затоа барам реализам и разбирање. Мислам дека се наоѓаме на добар пат, но се уште не сме стигнале на целта, изјави еврокомесарот за проширување Јоханес Хан.
Неизбежно беше споменувањето и на кризата со мигрантите во момент кога Македонија стравува од затворањето на границите во Европската Унија. Хан упати смирувачка порака дека Македонија нема да биде оставена сама на себе и вети дополнителна финансиска помош ако биде потребно.
OhridNews
Извор:„Телма“











