Еврокомесарот за проширување Јоханес Хан дојде во Скопје задоволен што со негово посредство македонските лидери ги исполнија обврските според роковите предвидени со Договорот Пржино. За разлика од мачните преговори  летово кои траеја  до раните утрински часови, Хан оваа посета ја  почна вообичаено, со говор во Собранието, каде што и на власта и на опозицијата им порача дека претстојат уште многу задачи што мора да се завршат до изборите.  Вети европска поддршка на специјалниот обвинител и побара резултати од борбата против корупцијата.

Се радувам на враќањето на опозицијата во Парламентот и изборот на новиот Закон за специјален обвинител и на специјалната обвинителка. Таа ќе ја добие целата потребна поддршка за да може да си ја врши како што треба својата работа, изјави еврокомесарот за проширување Јоханес Хан.

И пратениците се согласија дека има резултати за што се намачиле во преговорите. Но сега очекуваат Европската Унија да го исполни својот дел – Македонија конечно да добие датум за пристапни преговори.

За Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ  причина за политичката криза е што Македонија е се уште во чекалницата на ЕУ.

Еврокомесарот Хан не вети датум за, но се стави на располагање на политичките лидери и граѓанското општество да помогне. Јас сум на ваша страна, тврди Хан.

Мислам дека ЕУ ја научи лекцијата и доколку постои перспектива за одредена земја таа ќе биде исполнета. Сигурен сум дека кога ќе се подобри ситуацијата во земјата, треба да има промени и во ставот на ЕУ. Но сепак нештата треба да бидат променети на одржлив начин, а за тоа треба време, затоа барам реализам и разбирање. Мислам дека се наоѓаме на добар пат, но се уште не сме стигнале на целта, изјави еврокомесарот за проширување Јоханес Хан.

 Неизбежно беше споменувањето и на кризата со мигрантите во момент кога Македонија стравува од затворањето на границите во Европската Унија. Хан упати смирувачка порака  дека Македонија нема да биде оставена сама на себе и вети дополнителна финансиска помош ако биде потребно.

OhridNews

Извор:„Телма“