Итно е потребна нова влада за да спроведе реформи. Нема време за губење! Ова го порача еврокомесарот за соседска политика и пристапни преговори Јоханес Хан, кој престојува во еднодневна посета на Македонија за време на која ќе се сретне со лидерите на парламентарните политички партии.

Европскиот пат по последниот совет на ЕУ е отворен за Скопје, но часовникот отчукува, сега е потребно државништво, а не тактизирање, напиша на својот фејсбук профил Хан, пренесува „Макфакс“. Тој веќе се сретна со лидерот на БЕСА, Билал Касами и со претседателот на Алијансата на Албанците Зијадин Села. Подоцна тој најпрво ќе оствари средба со претседателот на ДУИ Али Ахмети, а потоа и со лидерите на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Заев и Никола Груевски.

„Тие даваат поддршка за да се излезе од кризата, во овој правец е и посетата и не охрабруваат нас политичките фактори да гледаме на иднината на државата и граѓаните повеќе отколку на личната иднина. Во овој правец се и активностите на БЕСА, ние гледаме како да придонесеме да се излезе од оваа криза, бидејќи сметаме дека во земјата уште постојат сили кои сакаат оваа длабока институионална криза да ја втурнат во меѓуетничка криза, која ќе биде многу лоша за Македонија“, изјави по средбата со Хан претседателот на БЕСА, Билал Касами.

Тој додаде дека БЕСА потенцира оти не постои ткн „Тиранска платформа“, туку декларација на политичките партии за барањата на Албанците кои живеат во Македонија.

Лидерот на Алијансата на Албанците Села истакна дека единствена можност за да се излезе од кризата е институционалниот пат, а не патот на институциите.

– Мислам дека на ова општество му треба дебата, а не лаги и дезинформации, ниту пак да се враќаме во минатото и да сервираме изјави како да се денес направени. За мене ништо не е забрането да се дебатира во Собранието, да се дискутира и заеднички да донесеме одлуки за иднинината на сите граѓани во Република Македонија. Сите тие коишто се против оваа форма се анархисти кои го ризикуваат спокојството и животот на секој граѓанин, рече Села по средбата со Хан.

Предмалку заврши и средбата на Хан со лидерот на ДУИ, Али Ахмети. Тој по средбата изјави дека политичката криза треба да се реши со помош на политички средства и демократски принципи со што ќе се овозможи функционирање на државата. 

-Кризата треба да е реши исклучиво со политички методи и да не зе дозволи да прерасне во меѓуетничка криза. – изјави по средбата со Хан Али Ахмети.

OhridNews