Европската унија (ЕУ) смета дека предвремените парламентарни избори се важен чекор за Македонија во поглед на евроинтеграциите, но еднакво важно е да се работи и на останатите работи како што се Итните реформски приоритети, имплементирањето на извештајот на Прибе и сите елементи од Пржинскиот договор, порача денес еврокомесарот за соседска политика и пристапни преговори Јоханес Хан по завршувањето на посетата на земјата и средбите со политичкиот врв и претставниците од невладиниот сектор и Специјалното јавно обвинителство.

„Важно е изборите да се добро подготвени и извршени на начин што никој потоа нема да може да ги критикува. ОДИХР и многу други органзиации ќе бидат тука да набљудуваат и потоа да дадат оценка за изборите. Ги повикав сите да се погрижат СЈО да ја врши својата работа како што треба и како што тоа се прави низ Европа, важно е да се  почитува владеењето на правото, и од сите добив уверување дека тимот на СЈО ќе му биде овозможено да ја изврши својата работа. Има напредок и во однос на медиумите, ова е исто така важно, да им се овозможи на независен и професионален начин да ја извршуваат својата работа“, изјави австрискиот еврокомесар.
Хан го потенцираше фактот дека земјата веќе две години се наоѓа во политичка криза и дека ова се одразило особено врз економијата, така што во престојниот период „важно е фокусот да биде ставен на она што е добро за граѓаните“.

„Кога говорев со политичките лидери имаше напредок во однос на минатите средби, атмосферата беше конструктивна. Исто така важно е како ќе бидат водени и изборните кампањи, важно е да не се предизвикаат меѓуетнички тензии и на сите треба да им биде јасно дека по изборите постои ден потоа, и дека тогаш сите ќе треба да работат заедно“, смета Хан.

Еврокомесарот се осврна и на работата на СЈО, порачувајќи дека ова тело истовремено треба да работи професионално, независно и непристрасно. „Уверен сум во специјалната обвинителка, важно е таа да ги користи своите можности и да се види резултат од нејзината работа, да нема мешање во нејзината работа, нити пак да има некаква злоупотреба“, порача Хан.

Посетата на еврокомесарот Хан на Македонија доаѓа во пресрет кога земјата исто така го очекува и годинешниот извештај на Европската комисија за напредокот, а кој треба да биде објавен кон почетокот на ноември.

OhridNews
извор Макфакс