Еврокомесарот за соседска политика и проширување на Европската унија, Јоханес Хан, утре, 26 јуни, ќе присуствува на владина седница посветена на реформските приоритети. Владата соопшти дека Хан утре прво ќе има тет-а-тет средба со премиерот Зоран Заев, а потоа и средба со владина делегација составена од вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска, вицепремиерот за евроинтеграции Бујар Османи и министерот за надворешни работи Никола Димитров. По средбите, Хан ќе присуствува на седница посветена на итните реформски приоритети за евро-атланските интеграции на Македонија.

Во пресрет на посетата, Хан изјави дека и владата и опозицијата треба да се фокусираат на имплементацијата на договорот од Пржино и да ја вратат Македонија на патот кон Европската унија. Според Хан, Македонија со континуирана помош од ЕУ конечно ја надмина политичката криза преку добро спроведени избори и со формирање на нова влада.

Утре во Скопје ќе пристигне и европскиот експерт Рајнхард Прибе кој во петокот пристигна во Охрид како предавач на Летната школа за правници.