Еврокомесарот за соседска политика и пристапни преговори, Јоханес Хан, идниот петок на 18-ти септември ќе пристигне во Македонија за да се информира околу напредокот и резултатите во имплементацијата на политичкиот договор од 2 јуни, вклучувајќи различни рокови за постапување.

За време на посетата на Македонија, еврокомесарот Хан планира и рестартирање на Пристапниот дијалог на високо ниво (ХЛАД), што беше исто така договорено со Протоколот од Пржино на 15-ти јули.

Според Европската комисија, пак, доколку до 15-ти септември не биде избран Специјалниот обвинител што ќе се справува со прислушуваните материјали на СДСМ, а што е краен рок според договорот од 2 јуни, во тој случај Хан би го откажал Пристапниот дијалог и само ќе одржи средби со претставниците од власта, опозицијата и од граќанското општество во Македонија.

„Комесарот Хан планира да ја посети Република Македонија на 18. септември, со цел да слушне за напредокот и резултатите во имплементацијата на политичкиот договор од јуни, вклучувајќи ги и различните рокови за постапување. Состанок на Дијалогот на високо ниво (ХЛАД), исто така треба да се одржи во текот на оваа посета. Политичките партии кои го потпишаа политички договор во јуни веќе се согласија дека на средбата за ХЛАД-от треба да се вклучи сите главни политички партии“, изјавила портпаролката на Хан, Маја Коцијанчич.

OhridNews

Извор:„Макфакс“