Добредојдена е одлуката на македонскиот претседател Ѓорге Иванов конечно да ги повлече сите помилувања, што ќе овозможи правдата повторно да продолжи со својот тек и Специјалното јавно обвинителство да продолжи со важната работа, напиша вчеравечер на Twitter комесарот за проширување и соседска политика на Европската унија, Јоханес Хан.
Претходно претседателот Ѓорге Иванов во писмено обраќање до јавноста ја објави одлуката целосно да ја поништи аболицијата за сите 56 политичари и нивни соработници, во процесите произлезени од нелегално прислушуваните телефонски разговори.
„Поранешна Југословенска Република Македонија: Добредојдена е одлуката на претседателот Иванов конечно да ги повлече сите помилувања. Ова овозможува правдата повторно да продолжи со својот тек и Специјалното јавно обвинителство да продолжи со важната работа“, напиша еврокомесарот.
Притоа Хан констатира дека „премногу време е изгубено последната година“ и порача дека политичките челници мора да се вратат на преговарачката маса и да обезбедат целосна имплементација на, како што потенцира – нивниот Договор од Пржино, вклучително и реформските приоритети.
OhridNews
Извор:„Макфакс“