Одлуката за датумот на одржувањето на предвремените избори, кои според Пржинскиот договор треба да се одржат на 24-ти април годинава, зависи од оценката на ОБСЕ/ОДИХР и Државната изборна комисија (ДИК), изјавил денеска еврокомесарот за соседска политика и пристапни преговори, Јоханес Хан.
„Имавме договор од јуни/јули минатата година и дел од овој договор е одржувањето на предвремени избори. Но, не можам да ви дадам одговор во моментов. Зависи од исходот на меѓународните институции и на Државната изборна комисија, што е нивната оценка за зрелоста за подготовка на изборите. Потоа, тие треба да донесат одлука“, истакна Хан во изјава за МИА.
Од Европската комисија (ЕК), пак, сé уште нема потврда околу најавената посета на еврокомесарот Хан на Македонија, за која првично беше најавено дека ќе се случи до крајот на оваа недела, односно до 19-ти февруари.
Од ЕК за Макфакс велат дека не можат официјално да го потврдат неговото доаѓање, но додаваат дека „Комисијата и натаму постојано е во контакт со политичките актери во земјата“.
OhridNews
Извор:„Макфакс“