Еврокомесарот за добрососедска политика и за проширување Јоханес Хан на денешната средба со новоизбраниот претседател на Парламентот Талат Џафери, порачал дека македонскиот законодавен дом треба непречено да работи и повикал сите пратеници да имаат конструктивна улога, без провокативни изјави и активности.

„Парламентот сега мора непречено да работи. Сите пратеници вклучувајќи ја и опозицијата се очекува да бидат конструктивни, а не да имаат опструкциска улога, и сите актери да се воздржуваат од провокативни изјави и активности. Парламентот мора да биде форум за дебата за сериозните предизвици со кои се соочува земјата и да ги овозможи потребните гаранции за напредување на земјата во интерес на сите граѓани и заедници“, се наведува во соопштението од Кабинетот на Хан.

Според еврокомесарот, фокусот сега треба да биде ставен на следните чекори во процесот на формирање влада почитувајќи го парламентарното мнозинство и однесувајќи се во согласност со Уставот и демократските принципи. Хан го поздравил изборот на Џафери од страна на парламентарното мнозинство и ја изразил подготвеноста на Унијата да соработува со него за напредување на реформската агенда, вклучувајќи ја тука и имплементацијата на договорот од Пржино и итните реформски приоритети.

На средбата еврокомеасарот Хан ја повторил силната осуда на нападите врз паралментарците и новинарите во Парламентот. Предупредил дека секое повторување на вакви акти може сериозно да ја загрози европската перспектива на земјата.

Џафери е во прва официјална посета на Брисел откако стана претседател на Собранието.

OhridNews
извор Макфакс