Ги повикувам политичките партии во Македонија да се држат до договорот од Пржино, порача еврокомесарот за преговори за проширување Јоханес Хан, од Брисел.
Како што јавува дописникот на МИА од Брисел, одговарајќи на новинарски прашања Хан посветил голем дел од неговиот говор за неуспешните преговори во петокот во Скопје, каде беше урнат дел од договорот меѓу политичките партии во однос на 24-ти април како ден кога ќе се одржат предвремените парламентарни избори.

Потврдувајќи дека 5-ти јуни како ден кога ќе се одржат изборите бил исто така на маса во преговорите во петокот, Хан рече дека „негова поента е едноставно да се гарантираат изборите”.

„Тоа ќе биде голема можност, бидејќи сé ќе биде добро подготвено, фер и транспарентно, според меѓународните демократски стандарди. Направив сé за да го  обезбедам потребното набљудување, на пример ОДИХР ќе испорача 24 долготрајни набљудувачи. Како за пример,во Турција тие имаа 30 такви набљудувачи и за една мала земја во споредба со Турција да има 24 е многу, како и 300 на изборниот ден. Мојата поента е дека е важно да се има избори според нашите стандарди со цел да се поврати кредибилитетот на земјата. Ова е важно и за да се има следен чекор, да се убедат нашите земји членки да почнат преговори“, истакна Хан.

Запрашан зошто се разговара за друг датум и што е сменето по неговата изјава во петокот вечерта, со оглед на тоа дека добил гаранција од ОДИХР, но и од претседателот на ДИК дека изборите може квалитетно да се спроведат на 24-ти април, Хан со одговор:

„Двете страни ми кажаа пред петочниот состанок дека сé уште е можно да се обезбедат избори, како на пример претседателот на Државната изборна комисија рече дека има потреба од луѓе за компјутерска технологија и за правници за да се справуваат со жалбите, но исто така и за луѓе да прават теренска проверка што беше потврдено од Владата, од каде рекоа дека ќе ги удвојат вработените за таа цел. Но, уште еднаш мислам дека е поважно ако е можно да има договор меѓу сите партии, бидејќи ова е нешто што успеавме за време на минатите месеци да го имплементираме договорот од јуни/јули“, потенцира Хан.

Еврокомесарот додаде дека „не секогаш партиите се држеле до датумот кога има одреден краен рок што е договорен, но на крајот сé е имплементирано”.

„Ќе биде одлично ако и изборите се спроведат во овој дух, каде сите ќе бидат посветени на тоа. Во секој случај, ги повикувам сите играчи во земјата да се држат до договорот од јуни и јули, порача Хан. Еврокомесарот за преговори за проширување посочи дека е загрижен за малиот прогрес во однос на усвојувањето на итните реформски приоритети од извештајот на Рајнхард Прибе и порача дека „има многу елементи и поенти во извештајот на Прибе што може да бидат исполнети до изборите”.

„Тука се соочуваме со одложувања и ги повикувам сите партии да останат посветени, бидејќи тоа е дел од потребниот реформски процес и што порано тоа го направат, толку подобро и толку земјата ќе биде подготвена на европската перспектива и на евроатлантската перспектива. Значи, во рацете на одговорните лица и да се грижат за земјата и за луѓето“, рече Хан.

OhridNews
извор МИА