Еврокомесарот за преговори за проширување Јоханес Хан доцна вечерва издаде соопштение по одлуката на владејачката ВМРО-ДПМНЕ заедно со останатите партии, ДУИ и ДПА, освен опозициската СДСМ, да изгласаат оставка на премиерот Никола Груевски и да закажат одржување предвремени парламентарни избори на 24-ти април, јавува дописникот на МИА од Брисел, пренесува „Макфакс“.
Хан посочува дека тој претпочитал да се закажат изборите преку согласност на сите четири партии потписнички на договорот од Пржино постигнат со посредства на ЕУ и американската амбасада во Скопје во јуни ијули минатата година, но дека сега „е повеќе од важно“, откако е договорен датумот, „сите политички и институционални актери во земјата да сторат што можат за да се обезбедат фер избори според демократските стандарди“.
„Ја забележав одлуката што беше донесена денеска да се одржат предвремените парламентарни избори на 24-ти април, како што е предвидено во договорот во Пржино. Како што кажав претходно, јас ќе преферирав консензуално решение од страна на сите партии. Но сега е повеќе од важно за сите политички и институционални актери во земјата да сторат што можат за да обезбедат фер избори, според демократските стандарди и да се постигне ова е потребна итна подготвителна работа која мора да се забрза пред се во однос на гласачката листа“, посочува Хан во изјавата.
Притоа ги повика сите партии конструктивно да соработуваат, со цел да се држат до нивните обврски во рамките на договорот од јуни/јули.
„И покрај неуспехот да се најде заеднички договор за датумот за избори, очекувам сите политички партии да соработуваат конструктивно и да се држат до сите нивни обврски во рамки на политичкиот договор од јуни/јули 2015 вклучително и до итните реформски приоритети“, додава Хан.
Во име на Европската комисија, неговата портпаролката Маја Коцијанчич претходно во понеделникот во изјавата за МИА посочи дека за ЕК, според податоците кои им ги дале ОДИХР и ДИК, прифатлив за доржување на озборите е датумот 24-ти април. Сепак таа, а потоа и Хан во негова изјава пред Советот за надворешни работи, преферираа тоа да се постигне консензуално.
OhridNews