Tука сум за да сведочам за оптимизмот за спроведување на реформите, рече еврокомесарот, Јоханес Хан, на заедничката прес-конференција со премиерот, Зоран Заев, пренесува „Макфакс“. Тој додаде дека после сите настани во Македонија чувствува нова динамика и позитивна клима во која што се движат работите во земјата. 

„Сакам да испратам порака да се сконцентрираме на задачите што ни претстојат. Сите одговорни актери, а тука мислам и на опозицијата, да се вклучат во создавање на едно модерно општество за сите. Ја поздравувам Владата за заедничко делување со опизицијата затоа што сите важни прашања треба да се дискутираат институционално пред сè во Собранието. Реформите не се за Европската унија туку се за подобрување на животот на граѓаните на Македонија“, порача Хан. 

Во однос на проблемот со името меѓу Македонија и Грција Хан вели дека ЕК ќе стои настрана од ова прашање. 

„ЕК смета дека на ова прашање треба да работат заедно двете земји. Наш интерес е да дадеме позитивна препорака, но претходно мора да се спроведат итните реформски приоритети“, подвлече Хан.

Тој ги поздрави позитивните чекори на Владата за одржаните средби со политичкиот врв со Бугарија и Грција додавајќи дека тоа е првиот чекор за воспоставување на добрососедски односи.

OhridNews
извор: „Макфакс“