Хангарот во кој се сместени седиштата и опремата на веслачкиот и кајакарскиот клуб од Охрид се подготвува за преселба, велат членови на спортските клубови. Иако деновиве заврши препокривањето на покривот, спортските работници велат дека за очекување е во скоро време да започне преселбата на клубовите на нова локација. Кон ова одат и најавите на локалната самоуправа која уште при уривањето на старата библиотека најави дека идното уредување на просторот кај Долна порта нема да биде целосно без отстранување на хангарот во кој се сместени веслачкиот и кајак-кану клубот. Со тоа според локалната ќе се отвори погледот кон Болничките цркви и долната цитадела, со што тие ќе дојдат до целосен израз, а просторот ќе добие сосема нова димензија.


Дел од спортските работници жестоко се противат на ваквата идеја, а дел немаат ништо против доколку клубовите соодветно бидат сместени во нови простории. Како најдобро решение се посочува просторот до едриличасрскиот клуб кај каналот Студенчишта. „Сметам дека тоа е соодветно решение на кое треба да поработиме со локалната самоуправа“ ни изјави Раде Попоски од кајак-кану клубот „Стрмец“.


Се токми ли преселба на хангарот на „Југ“ и „Стрмец“?

Како што веќе пишувавме, на просторот каде некогаш се наоѓаше библиотеката ќе биде изграден плоштад каде е планирано да биде подигнат споменик на револуционерот Христо Узунов. Според планот новиот плоштад ќе биде поврзан со Горна порта со пешачка патека.

Г. Момироски