Стариот објект во кој се сместени веслачкиот и кајакарскиот клуб од Охрид, во месноста Јно, не може да биде урнат како што планираше општината, бидејќи се јавиле поранешни сопственици кои покренале постапка за денационализација.


Градските архитекти и експерти се на мислење дека овој објект треба да се урне за да се уреди просторот кај древната Долна порта, кој опфаќа повеќе културно историски знаменитости. Но, таквата идеја во моментов не е остварлива информираат од Локалната самоуправа. Оттаму објаснуваат дека намерата била да се дислоцираат веслачкиот и кајак – кану клубот на просторот до едриличарскиот клуб. Во меѓувреме се јавиле приватни лица кои тврдат дека зградата во која е сместен хангарот била нивна сопственост и дека таа своевремено била национализирана. Тие покренале процес за денационализација, поради што општината ќе почека со реализација на замислата. Од локалната велат дека ќе го почитуваат законот, но и дека се надеваат оти ќе се изнајде некакво соломонско решение.


Поради новонастаната состојба прекината е преселбата на спортските клубови, како и демонтирањето на покривот. Откако се извадија старите керамиди сега на зградата се става нов покрив.

Ohridnews