Хрватската селекција после елиминацијата на Светскиот и Олимпискиот првак Франција во 1/2 финалето на мегдан оди со Европскиот првак, Данска. Составот на селекторот Урли Вилбек во досегашниот тек од првенството немаше некоја посериозна пречка, затоа мечот со Хрватска е вистински испит за силите на Европскиот првак.


– Тие се во залет, но ние сеуште немаме одиграно некој натпревар каде ќе распукаме. Хрватите го направија тоа против Франција, сега нас ни е редот. Тие се квалитетна селекција, не зависат од еден ракометар, тимскиот дух преовладува, а имаат одличен голман, ќе биде вистински ракометен спектакл – истакна селекторот Вилбек.

Најдобриот дански ракометар и член на францускиот ПСЖ, Микел Хансен не игра на високо ниво на мундијалот. Но, на данскиот бомбардер не му пречи тоа се додека неговата селекција нижи победи на планетарниот собир во Шпанија. Во досегашниот тек од мундијалот Хансен има погодено 19 пати во противничката мрежа.

– Се додека победуваме не ми се битни головите. На Европското првенство во Србија не се решаваа сите да ја преземат одговорноста, затоа мораше јас да шутирам, сега е сосема спротивно, ракометарите се позрели и шутираат без никаков притисок. Ако има потреба на дуелот со Хрватска, јас сум тука за селекцијата ќе ја преземам одговорноста без никаков страв и притисок –
посочи Хансен.

Полуфиналниот натпревар помеѓу Данска и Хрватска на програмата е во 21:30 часот.

Мх.П.