По петнаесетина години пауза, на музичката сцена повторно се враќа охридскиот естраден уметник Александар Ѓурчев. За едни вистинска урбана легенда, додека за други неуморен спортист и харизматичен пејач, чии настапи на „Охридски трубадури“ ја пленea домашната публика.
Охриѓани го паметат по „Сакам да си моја“, „Тешко е со тебе“, „Горана“ и „Роб на љубовта“, песни кои на крајот на милениумот честопати можеа да се слушнат на радио-станиците.
„Почетоците ми се во 1998 година кога и ја започнав соработката со композиторот Григор Копров. Откако освоив прво место на „Охридски трубадури“ со песната „Сакам да си моја“, неколкупати настапив во Охрид, но и надвор од него. Следеше „Тешко е со тебе“, а потоа сам ја напишав „Горана“, која ја склопивме заедно со децата од мојата мала. Ја аранжираше Кречо, а ми помогна Роберт од Камелеон. Кон крајот на 2000 година се одлучив да се повлечам од музичката сцена.“ – ја започнува својата приказна охриѓанецот Александар Ѓурчев.
„Камбекот“, овојпат на фолк-сцената, Ѓурчев го најави со настапот на овогодинешното издание на „Охридски трубадури – Охрид фест“, со песната „Отвори душо капија“.
„Дојдов до идеја да преминам на фолк-сцената, па така се одлучив да бидам дел од овогодинешните „Охридски трубадури – Охрид фест“. Едноставно таму се пронајдов. Копров ми предложи песна „Отвори душо капија“, чиј аранжман е на Цане од Биоритам. Јавноста не ја известив за настапот, бидејќи сакав сето тоа да помине поскромно. Задоволен сум од реакцијата на публиката и воопшто од фестивалот, а добив позитивен „фидбек“ од оние кои имаа можност да го проследат мојот сценски настап .“ – вели Ѓурчев.
Освен соработката со познатите музички имиња од естрадата, Ѓурчев беше и еден од вистинските пријатели на мега-популарниот Тоше Проески.
„Проески го знам уште од раните детски денови. Се запознавме во еден охридски клуб, а потоа станав еден од неговите ретки вистински пријатели. Одев кај него на гости во Крушево, а голема чест имав, бидејќи пред концертите кои го одржуваше во Охрид, Тоше доаѓаше кај мене дома. За жал, подоцна се случи трагичната смрт.“ – рече Ѓурчев.
Покрај музиката, за која нашиот соговорник вели дека му е секојдневие, охриѓани го познаваат како неуморен спортист и промотор на здравата исхрана.
„Потекнувам од една распеана фамилија, каде денот поминува со песна. Покрај пеењето, свирам и на гитара. Слушам различна музика, почнувајќи од сериозна која доста ми лежи, па се до рок. Обичното секојдневие ми е исполнето со спорт и рекреација. Секојдневно трчам, а покрај фитнесот и аеробикот, летниот период го поминав во пливање.“ – вели нашиот соговорник.
За идниот период, Ѓурчев најавува снимање видео-запис и продолжување на соработката со композиторот Григор Копров. На младите им препорачува да спортуваат и повеќе да посветат внимание на својот изглед и тело.
„Здраво тело во здрав дух. Што повеќе спортување, толку подобар излгед. Секој сака да го види своето тело фит. Кога имаш кондиција, се ти доаѓа на ум и ти поаѓа од рака. Тоа е мојата порака до младите. Здравје и мир.“ – завршува Ѓурчев.
О.Т.