Денеска се одбележува Меѓународниот ден на хендикепираните лица. Генералното собрание на Организацијата на Обединетите нации во 1992 година донесе Резолуција со која 3 декември го прогласи за Меѓународен ден на хендикепираните.

Во текот на последните децении, ООН направи многу за правата на овие лица. Генералното собрание има усвоено и бројни резолуции и декларации кои се однесуваат на превентивните мерки за намалување на хендикепираноста меѓу кои Декларација за правата  на хендикепираните лица, Документ за долгорочна стратегија за понатамошно спроведување на светската програма и слично.

Република Македонија како членка на Обединетите нации го следи  донесувањето и спроведувањето  на документите и по нивна основа го конципира сопственото законодавство во областа на здравствената и социјалната заштита на лицата со пречки во развојот, нивната вклученост во образовниот процес и воопшто во општествениот живот.

Сепак,  државата не може со исто темпо да ги следи  промените во поразвиените земји. И покрај позитивните работи, се уште постојат безброј отворени проблеми и нереализирани права кои во иднина треба да бидат приоритет.

Заложба на хуманитарните организации е овие лица да си ги остварат бенефициите. Согласно своите програмски активности и цели, тие организираат разни манифестации од областа на културата, спортот, едукацијата, одморот, рекреацијата и рехабилитацијата на лицата со пречки во физичкиот и психичкиот развој.

По повод овој ден, градоначалникот, Александар Петрески денеска во 11 часот ќе оствари средба со претставници од здруженијата на хендикепираните.

Денеска напладне во ресторанот “Белведере” и  Здружението на родители на деца заболени од церебрална парализа од Охрид ќе организира средба и дружење на членовите. Тие ќе го одбележат овој ден со свечен ручек и пригодни подароци. 

Ohridnews