Во водите на Охридското Езеро вчера беа пуштени 200 илјади единки ендемска пастрмка со тежина од околу 70 грама, инаку прв подмладок одгледан по вештачки пат во новоизграденото мрестилиште на Хидробиолишкиот институт во Охрид.

На порибувањето присуствуваше министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Димовски кој истакна дека во тек се контакти со албанската страна за заедничка заштита на ендемските видови риба во Охридското Езеро.

-Наскоро ќе се сретнам со ресорниот министер од Република Албанија, со кого ќе ги дефинираме работите односно да побараме забрана за риболов на охридската пастрмка од двете страни на езерото, истакна Димовски.


Директорот на Хидробиолошкиот институт од Охрид, Гоце Костоски, информираше дека оваа година за време на ловот на пастрмка за вештачки мрест се собрани над два милиони зрна икра, од кои веќе се изведени млади рипчиња што ќе бидат одгледувани во новите инсталации за вештачко размножување, што беа изградени со донација на Владата на Кралството Норвешка.

За вештачкиот мрест на охридска пастрмка годинава се обезбедени пет милиони денари, што е најмногу од 2004 година кога со одлука на Владата беше воведена целосна забрана за стопански риболов на Охридското Езеро.


И додека науката и надлежните институции се обидуваат да ги заштитат
загрозените ендемски видови пастрмка и белвица, рибокрадците
продолжуваат да го пустошат езерото. Само во изминатите шест месеци од страна на рибочуварската служба во Охридското Езеро се запленети повеќе од три илјади мрежи со вкупна должина од 150 километри, кои вчера јавно беа уништени.

Директорот на Државниот земјоделски инспекторат, Ванчо Димитриев, кој присуствуваше на акцијата за уништување на запленетиот рибарски алат, истакна дека  државата и натаму ќе се бори против овој вид криминал и побара логистичка поддршка од Локалната самоуправа во насока на заштита на загрозените ендемски видови риба во Охридското Езеро.

OhridNews