Необичната појава на цветање на алгите во каналот Студенчишта во октомври, според експертите од Хидробиолошкиот завод од Охрид е природна појава и се должи пред се на климатските промени.
-Станува збор само за една кончеста зелена алга од видот„ Кладофора“ која што е развиена на одреден простор. Таа во нормални услови расте на камена површина, а потоа со развојот се крева на површината на водата и станува видлива. Таа алга не предизвикува никакви последици по живиот свет во каналот и е нормална појава во вакви временски услови, односно при високи температури и интензивно осветлување, изјави Д-р Сузана Патчева – Директор на Хидробиолошки завод Охрид.
Д-р Сузана Патчева – Директор на Хидробиолошки завод Охрид
За разлика од научната јавност, спортските риболовци со став дека причина за цветањето на алгите во овој период од годината е последица на човечки активности, односно загаденост на каналот Студенчишта.
-10 години ги алармираме надлежните институции дека пловните објекти ќе го уништат зимникот во кој рибата влегувала 3 милиони години, гледате дека нема риба во каналот и дека влегува само еден процент од неа тука. Исто така се сомневаме дека во горниот дел на каналот се влеваат отпадни води, но тоа не можеме да го потврдиме бидејќи немаме инструменти за мерење на загаденоста, ниту сме надлежни за тоа, истакна Радован Димитриески од СРД „Св. Апостол Петар“.
Радован Димитриески од СРД „Св. Апостол Петар“
Спортските риболовци бараат надлежните институции, пред се Хидробиолошкиот завод и Министерството за животна средина да излезат на терен и да испитаат која е причината за цветањето на алгите само во каналот Студенчишта.