Пред налетот на индустриското сериско производство, многу стари занаети веќе изумреа. Ретки се и дуќаните во старата т.н „турска чаршија“, кои сепак, и во овие модерни времиња опстојуваат и жилаво се борат за своето место на пазарот.


Меѓу ретките упорни занаетчии е и Милан С. Беловски, кој веќе 65 години се занимава со изработка на опинци. Натписот во неговата работилница и дуќан, „Hier spreeht men Hollands“ стои веќе неколку децении со цел да се привлечат странските гости и барем за спомен да купат некои од кожните обувки, кои се дело на мајсторот.


„Порано беше поинаку, купуваа и странците и домашните, сега е веќе се изменето и ретко кој влегува во дуќанот со намера да купи. Цената на моите кожни опинци е веќе 15 години иста – за еден пар барам 1000 денари“ – кажува мајстор Милан


Мајстор Милан со овој занает почнал да се занимава во далечната 47-ма година. Занаетот го изучил во Србија.

„Порано правевме опинци од специјална гума за потребите на земјоделците. Побарувачката од жителите на селата беше голема, па така јас и мојот брат работевме заедно и едвај постигнувавме да го направиме потребното количество. Користевме и внатрешни автомобилски гуми. Тие беа доста квалитетни и долготрајни и продажбата одеше добро. Меѓутоа времињата се изменија и сега се занимавам само со изработка на опинци од говедска и козја кожа. Продажбата оди лошо и единствено купуваат членовите на играорните групи. Кај младите за вака направените опинци од кожа, интересот е никаков. Нормално е дека младината бара модерни обувки, така да и не помислуваат на опинци од кожа.“- раскажува стариот охридски мајстор.

Жал му е што и неговиот, како и многу други стари занаети изумираат, а и неговите најблиски не сакаат да го продолжат овој занает.

„Ќе работам додека ме служат рацете и додека можам. И овој мој занает ќе го снајде судбината како на повеќето кои се веќе заборавени“ – ја завршува својата приказна мајстор Милан од старата охридска чаршија.

O.T.