Македонските туристички потенцијали ќе бидат претставени на два саеми за туризам во месец јануари 2016 година.

Според известувањата кои ги има објавено Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот на Република Македонија, прв на распоредот за саемски претставувања ќе биде саемот „Vakantiebeurs“ во Утрех, Холандија, кој ќе се одржува од 12-ти до 17-ти јануари.

Овој саем е еден од најпосетените саеми за туризам во земјите на Бенелукс, а Македонија по петти пат ќе биде дел од овој маѓународен туристички собир. Освен промотивниот штанд, македонските туристички претставници се очекува да остварат бизнис средби и контакти со туристички работници, како и со новинари и медиуми заинтересирани за информативни патувања во Македонија.

По саемското претставување во Холандија, Македонија ќе се претстави и саемот „EMITT“ во Истанбул, Турција кој ќе се одржува од 28-ми до 31-ви јануари.

Оваа престижна саемска манифестација се организира по 20-ти пат и е една од најпосетуваните во регионот. Во 2015 година на овој саем биле презентирани 4.500 учесници од околу 70 земји, кои привлекле над 130 илјади посетители.

Според најавите во првите три месеци од 2016 година македонските туристички богатства ќе бидат промовирани уште неколку саемски манифестации: „Brussels holiday fair“ во Брисел, Белгија; „Holiday i spa“во Софија, Бугарија; „IFT“ во Белград, Србија; „ITB“ во Берлин, Германија и „Mitt“ во Москва, Русија.

OhridNews