Ова е еден од насловите на статиите објавени викендов на три страници за Охрид, Струга и Охридското Езеро во познатиот холандски весник “De Volkskrant” . Иако текстот е позитивен и напишан со убави зборови, во неговата содржина се изнесени и неколку остри впечатоци, суптилни коментари и конструктивни критики.


Репортерот кој е повеќегодишен дописник од Балканот, наведува одредени контрасти кои особено ги забележал во близина на црквите. “Покрај светите мудрости има плажи, девојки во бикини кои пијат пиво. Музиката е гласна. И покрај забраната да се влегува во провокативнна облека во верските храмови, голем број од посетителите во костуми за капење се движат покрај самите цркви.”, се наведува во текстот на De Volkskrant .
 
Репортерот пишува и дека животот  во Охрид бавно тече. “Секој се знае со секого. Кај народот се забележува и тага поради економската состојба, затоа што има голем број невработени. Многу луѓе издаваат соби за да заработат, а конкуренцијата помеѓу издавачите е многу голема. Туристите имаат избор и можат да најдат приватно сместување за малку пари. Туризмот е спас за Охрид”, стои во текстот.


Во статијата на холандскиот весник се наведени и голем број информации за езерото и крајбрежјето. За албанскиот дел се пишува дека се развива со брзо темпо и дека при посетата може да се увидат разликите помеѓу сегашната отворена и некогаш  затворената комунистичка Албанија. За Струга се пишува како за град на поезијата и реката Дрим. ” Ниту едно друго место покрај езерото не е како Струга, но масовната бетонска градба, плекси стакла, дискотеки и гласна музика ја уништуваат убавата слика за овој град” пишува ‘De Volkskrant’.  

“Во овој дел од Балканот ќе видите рибари, старци кои играат шах и Богородица огледана во илјада години старото  синило. Пред 1000 години езерото беше сино како што е и сега.Тоа ја стави Македонија повторно на мапата како туристичка дестинација.”

Од јануари месец до сега Охрид постојано се промовира во холандските весници и магазини. Во објавените текстови се наведува дека бројот на “портокаловите” гости во Македонија се очекува во текот на наредните години постојано да се зголемува. Се пишува за езерото, природата, климата, туризмот, кафиќите, рестораните, цените, условите, хотелите, плажите, религијата, историјата, кујната, кризата, екологијата, за животната средина, а се опфаќаат и етничките теми и Грчко -Македонскиот спор.

Владо Велјаноски
репортер Холандска телевизија НОС Студио Спорт