-Обработените податоците од три хотели на охридско-струшката ривиера за месеците јули и август во споредба со минатата година, покажуваат зголемување на бројот на гости за 11 проценти, бројот на ноќевања е поголем за 53 отсто, додека зголемувањето на екстра потрошувачката во трите хотели е за цели 121 отсто, изјави Дончо Танески, претседател на ХОТАМ.
Танески посочи дека минатата година во наведениот период во трите објекти престојувале 4.058 гости наспроти оваа година кога тој број изнесува 4.497. Овие сместувачки капацитети лани оствариле 17.574 ноќевања, а оваа година 26.818, додека екстра прометот од гостите е зголемен повеќе од двојно, од 2.158.743 денари во 2010 година, на 4.780.082 денари оваа година.
Од ХОТАМ изразуваат задоволство од остварените резултати оваа година, со очекување дека веќе следната година тие ќе бидат надминати за 20 до 40 проценти. Оптимизмот охридските хотелиери го темелат на потпишаните договори за фиксен закуп на капацитети на ривиерата од страна на холански тур-оператори во наредните три сезони.