Првата група на туристи од Холандија, кои годинава ќе одмараат на охридската ривиера ќе пристигне денеска претпладне на аеродоромот ,,Свети Апостол Павле’’ во Охрид.

Според најавите, холанѓаните ќе бидат пречекани со пригодна свеченост на која ќе присуствува   Амбасадорот на Кралството Холандија, Мариет Шурман, Министерот за економија Валон Сарачини и директорот на Агенција за промоција и поддршка на туризмот, Јордан Трајков.

Од ин-каминг агенциите на холандските тур оператори во Македонија, информираа дека  чартер авионот кој ќе пристигне денеска ќе биде на туроператор TUI,  додека пак првиот чартер на Corendon NL ќе биде на 4–ти мај 2012. Се очекува првата група холанѓани  да  брои над 130 лица.

Инаку според планираното годинава се очекува да бидат реализирани околу 50 директни чартери до Охрид и обратно.

-Од мај па се до октомври, планирано е да има 4 чартери неделно по 189 патници, со што максималниот можен број на патници кој може да се постигне  е 18.900, но според нашите очекувања загарантираниот број на  туристи од Холандија е  13.230, што е и вкупниот број на закупени капацитети во хотелите. На холанѓаните им се нудат аранжманите од по  7, 10, 14  и 21 ден. Годинава најавени се и 20 групи за кружните тури низ Македонија со ноќевање во Кавадарци , Струмица , Скопје и Охрид, информираа неодамна од Фибула ер травел.

Минатата година во Македонија летуваа над 10.000 туристи од Холандија, кои според туристичките работници имале максимално позитивни впечатоци пред се  поради високиот квалитет на услугите, по ниска цена.

OhridNews